
Разлики помеѓу настинка и грип
Болестите на респираторниот систем како што се настинка и грип се најчести случаи за посета на доктор, но и за безброј отсуства од училиште или работа. И обичната настинка и грипот спаѓаат во категоријата вирусни заболувања, што со друг збор се нарекува вирус. Како да дознаеме дали станува збор за настинка или пак грип?
Настинка
Настинките се најчести во есенските и зимските месеци од годината, од септември до април. Причина може да биде и првите денови на училиште, но и покрај тоа, кога е ладно времето надвор, сѐ повеќе се задржуваме во затворени простории со што се зголемува можноста на пренос на вируси. Тоа се гледа во градинките, училиштата како и во едно семејство поради што таму најбрзо се шират инфекциите. Настинката е предизвикана од различни типови на вируси. Познати се повеќе од 100 различни вирусни подтипови на настинки и поради тоа од нив често може да се разболиме.
Како се појавува инфекција со настинка?
Поголем број на вируси од кои заболуваме се наоѓаат во носниот секрет, а најактивни се од вториот до четвртиот ден на болеста.
Може да се инфицираме:
- директно, односно преку пренос на секрет од носот од горните дишни патишта на заболени лица. Инфекцијата може да се пренесе преку контакт со предмети на кои се наоѓа секрет од горниот дел на дишниот систем;
- индиректно, односно преку честички од секретот на горниот дел на дишниот систем кои доаѓаат преку воздухот преку кивање или кашлање, а потоа на кожа и слузокожа кај новозаболениот.
Настинката во нашето тело најчесто се пренесува преку нос, но може и преку очи. Во задниот дел на носот и крајниците, вирусите се размножуваат и врзуваат за рецепторите на слузокожата. Така навлегуваат во клетките и предизвикуваат воспалителна реакција при што се јавуваат симптомите на: кивање, кашлање, воспаление на очи и болки при голтање.

Симптомите може да се појават после 10 саати од инфекцијата.
Какви се симптомите на настинката?
Знаците и симптомите на настинката се разликуваат од човек до човек, но сите се со благ степен. Инкубационен период за настинка е краток и трае 2 до 5 дена.
Обично може да се јават:
- течење на нос,
- затнат нос,
- кашлица,
- болно гребење и пецкање во грлото.
Други симптоми кои може поретко да се појават:
- висока температура (обично кај мали деца),
- малаксаност,
- болки во мускулите,
- кивање,
- зашеметеност,
- чувство на пецкање во очите,
- губење на осет за вкус,
- болки во ушите.
Како се лечи настинката?
Настинката е болест со благ степен која после 7 до 10 дена поминува сама од себе. Кашлицата и малаксаноста може да траат и до три недели. Кај децата тешкотиите траат подолго отколку кај возрасни, а по правило ги снемува за 10 до 14 дена. Лечењето на настинката е симптоматско, што значи дека ги лечиме т.е ги олеснуваме симптомите кои се јавуваат кај настинката. За полесно дишење може да се земат деконгестиви, кои ќе ја исчистат слузокожата на носот, а за ублажување на болките може да се земе парацетамол или нестероидни антиинфламаторни лекови.
Настинката сама по себе не е опасна, но поради истата може да бидеме подложни и на други инфекции или пак да дојде до полоша патолошка состојба. Приближно 0,5% до 2% случаи на настинка се комплицираат до некои посериозни бактериски инфекции на пр. воспаление на параназалните синуси, средно уво или пневмонија, но можно е и влошување до хронична болест на градниот кош. Бројни вируси кои кај возрасните предизвикуваат само настинки, кај децата може да предизвикаат бронхиолитис.
Настинка или грип?
Двете болести, и настинката и грипот, се вирусни болести на дишниот систем односно вирози, но сепак се разликуваат.
И грипот се јавува најчесто во зимските месеци, а поради големата инфективност се јавува и во големи или мали епидемии, понекогаш и пандемии. Сите симптоми на грипот се појавуваат наеднаш и обично траат една недела: висока температура, сува кашлица, болки во мускулите и главоболки.

За разлика од настинката, каде што симптомите се јавуваат постепено еден по друг, грипот започнува ненадејно.
При разликување на грипот и настинката може да ни помогне оваа табела:
| НАСТИНКА | ГРИП |
|---|---|
| постепен почеток | ненадеен почеток |
| малаксаност | висока температура |
| болки при голтање | изразени болки во мускулите и зглобовите |
| течење на нос | главоболка |
| воспаление на очи | сува кашлица |
| кивање | губење на апетит |
| кашлица | |
| болки во мускулите и зглобовите | |
| губење на апетит | |
| висока температура – особено кај деца |
Со внимателно следење на симптомите и општата состојба можеме да заклучиме кој вирус нѐ нападнал. Без оглед на тоа дали е грип или настинка, се препорачува добар одмор во текот на лечењето, пиење на многу течности и зголемување на имунитетот. Првенствено треба да спречиме ширење на инфекцијата кон членови од семејството, во градинка, училиште или пак на работа. Ако нема компликации, двете болести поминуваат во рок од една недела.
Не заборавајте дека вакцината против сезонски грип е докажано најефикасен начин за спречување на болеста и на компликациите кои можат да бидат предизвикани од грипот.
Пријавете се за Медисови е-новости
Не грижете се, ниту ние не сакаме премногу пошта, затоа ќе Ви праќаме само месечна порака!









