Имунолошкиот систем на децата и како можеме да го „истренираме“
Имунолошкиот систем е сложен и животно важен дел од нашето тело. Неговата главна задача е да го заштитува организмот од надворешни напаѓачи,како што се бактериите и вирусите. Составен е од различни видови клетки, ткива и органи кои делуваат усогласено за нашето тело да остане здраво и во рамнотежа.
Две линии на одбрана: вроден и стекнат имунолошки систем
Имунолошкиот систем може да се подели на два дела – вроден и стекнат имунолошки систем.
Вродениот имунолошки систем претставува прва линија на одбрана – тој брзо ги идентификува напаѓачите и ги отстранува. Нашите деца се раѓаат со овој одбранбен механизам. Вродениот имунолошки систем ги опфаќа физичките бариери кои ја штитат внатрешноста на телото: кожата, слузницата на цревата, белите дробови и уринарниот систем, како и солзите и желудочниот сок.
На овие места, кои претставуваат главни влезни точки за бактерии и вируси, се наоѓа голем број различни имунолошки клетки од првата линија на одбрана. Нивната задача е да го препознаат „натрапникот” и да го проголтаат или отстранат.
Стекнат имунолошки систем и имунолошка меморија
Кога имунолошкиот систем на детето е во контакт со разни микроорганизми, тој учи да ги препознава и се прилагодува така што за одреден причинител произведува антитела и имуни клетки кои при повторен контакт поефикасно ќе го отстранат.Тој втор дел на имунолошкиот систем се нарекува стекнат имунолошки систем бидејќи го стекнуваме при контакт со вируси и бактерии.
При првиот контакт со „напаѓачот”, на стекнатиот имунолошки систем му се потребни неколку недели за да произведе соодветни антитела. При следниот контакт со истиот патоген, имунолошкиот систем веќе е подготвен и реагира многу побрзо и поефикасно. Бидејќи имунолошкиот систем го „памети“ патогенот при првиот контакт и учи како да постигне поефикасен одговор, тоа го нарекуваме имунолошка меморија.
Вродениот имунолошки систем, односно првата линија на одбрана, можеме да го замислиме како да сакаме да влеземе во стан така што со сила ќе ја отвориме вратата – тоа е можно кај секоја врата. Меѓутоа, стекнатиот имунолошки систем делува како клуч кој отвора само одредени врати, што значи дека можеме побрзо и поефикасно да влеземе во станот.
Имунолошкиот систем мора да функционира точно како што треба
Имунолошкиот систем мора да функционира токму онака како што треба. Ако детето има ослабен имунолошки систем, почесто се јавуваат инфекции. Но, ако системот е премногу активен, може да ги препознава безопасните супстанции како опасни – тогаш се појавуваат алергии или автоимуни заболувања, кога телото ги напаѓа своите сопствени клетки.
Важно е имунолошкиот систем на детето да биде во рамнотежа, за да не функционира ниту премногу ниту премалку. Кога со нешто го регулираме функционирањето на имунолошкиот систем , тоа го нарекуваме имуномодулација.
Можеме ли да го „истренираме“ имунолошкиот систем?
Да. Имунолошкиот систем на телото може да се активира така што ќе биде подготвен за борба против бактерии и вируси. Како што можеме да ги тренираме мускулите, така можеме да го „тренираме“ и сопствениот имунолошки систем.Кога сме „истренирани“,посилни сме и побрзи – истото важи и за „истренираните“ имунолошки клетки кои реагираат на инфекција посилно и побрзо, па можат да го спречат развојот на симптомите на болеста или барем да ги ублажат и да го скратат нејзиното траење.
Како можеме да го поддржиме имунолошкиот систем на детето?
Во „тренирањето“ на имунолошкиот систем можат да помогнат супстанции од храната кои имаат имуномодулаторно дејство. Овие материи му овозможуваат на имунолошкиот систем да остане во рамнотежа и подготвен за напад кога бактериите или вирусите ќе влезат во човечкиот организам.
Некои додатоци во исхраната содржат вакви супстанции , т.е. имуномодулатори . Важно е да се изберат квалитетни додатоци во исхраната со докажани клинички испитувања, бидејќи тие ја потврдуваат безбедноста и ефикасноста на производот.
Доколку не сте сигурни кои додатоци во исхраната се сертифицирани како висококвалитетни и ефикасни, прашајте го вашиот педијатар.
Пријавете се за Медисови е-новости
Не грижете се, ниту ние не сакаме премногу пошта, затоа ќе Ви праќаме само месечна порака!



